Паралелен свет – пеколот зад дебелите ѕидови на животинските фарми

„Човек кој убил едно животно се нарекува монструм, а човек кој убил илјадници животни се нарекува фармер (сточар).“

Од самото свое раѓање фармските животни се осудени на живот поминат во мизерно ропство и постојано измачување, на кој насилно му се става крај со едно ужасно и болно убиство.

Овие нежни и инаку друштвени животни се целосно лишени од сите свои потреби, интереси, способности и вредности како живи, сетилни и интелигентни суштества, а единствено се искористувани како продукциски единици, насилно претворени во објекти за задоволување на нечиј вкус или нечија навика од страна на големата машинерија на прехранбената индустрија.

Во светот, на годишно ниво се убиваат околу 65 милијарди фармски животни.

Секое животно од оваа бизарна бројка претставува убиена индивидуа која некогаш поседувала свои желби, стравови, емоции, интереси и потреби.

Низ што се` минуваат фармските животни

Кокошки/Пилиња

Фармската индустрија за јајца е еднакво сурова како месната индустрија. И обете вклучуваат неизбежна болка и смрт.

Во фармите за јајца пилињата во реалност немат мајки, затао што се веднаш одземени од нив и чувани во таканаречени инкубаторски фиоки. Машките пилиња (особено во фармите за јајца) се третирани како нус-производ , без никаква вредност и се веднаш убивани – мелени во машини додека се се` уште живи; усмртени во гасни комори или едноставно се фрлаат во отпад. Додека се уште млади, на пилињата им се горат или кратат врвовите на клуновите машински, на живо, без анестетик, а тоа предизвикува болка заради нервните завршетоци по должината на клунот.  Овој нехуман зафат се прави за да понатаму не се колваат меѓусебно, бидејќи се чувани напикани  и стуткани едни до други. Женските (кокошките во фармите за јајца) се чувани во екстремно тесни метални кафези  (не поголеми од една микробранова печка) наречени „батерии“, кои се наредени едни врз/до други заради нивната огромна бројност. Тие најчесто страдаат од соголување, отворени рани или голема загуба на нивните пердуви кои претставуваат нивна заштита.

Апатијата ни ја голта човечноста

on.net.mk_467579

Во големите фарми за јајца, како и оние фарми кои одгледуваат кокошки за месо, кокошките никогаш не се пуштаат надвор и никогаш во својот живот немаат видено деневна светлина ниту почувствувано трева под нозете.
Кокошките кои се експлоатираат како цел за храна, имаат екстремно краток животен век, затоа што нивниот циклус на растење е вештачки забрзан и достигнува само до 6 недели. Тие доспеваат толкава ненормална големина заради генетската манипулација, хормоните и видот на храна со кои се хранети, што нивните слаби нозе не се способни да ги издржат нивните тела, па под притисокот на нивната тежина тие колабираат и заради недостаток од храна и вода, споро и болно умираат  на бетонските подови. Овие птици (во фармите за месо) кои се чувани во незамислива голема бројка, натрупани едни врз други, се приморани да се борат за своја територија каде ќе можат слободно да згазнат, како и да дојдат до храна и вода, па затоа често се повредуваат меѓусебно, со клукање, кубење на пердувите итн. Фармите се едни од најгнасните места кои постојат, извор на зарази, каде што не владеат никакви стандарди ниту хумана димензија, па затоа овие птици се принудени да живеат во својот измет преку кој вдишуваат отровни нивоа на амонијак и водород сулфид. Кокошките страдаат од низа здравствени проблеми, вклучувајќи – премногу масти во црниот дроб и бубрезите, срцев удар, септикемија, и деформитети предизвикани од артритис, заедно со стресот кои го преживуваат заради големата тежина и тесниот простор, што се одразува на нивните млади коски и целокупниот организам. Бидејќи нивната стапка на раст е толку брза, нивните срца и бели дробови се борат да го одржат нивото на кислород, што резултира со губење на здивот. Затоа често им се даваат антибиотици и други лекови за да се намалат физичките симптомите, но сепак нивните кратки животи се полни со болка и страдање.

На самиот крај од својот краток живот, тие се транспортираат до кланиците, каде се закачуваат на метални куки за нозете, висејќи  со главите надолу, и се убиваат со сечење на вратот (и главата).

Свињи/Прасиња

На фармските прасиња, уште додека се бебиња насилно им се откинуваат опашките, им се вадат забите, а на машките единки со метален инструмент им се откинуваат тестисите. Сето ова се прави без анестетик, а прасињата се целосно свесни и го чувствуваат максималниот интензитет на таа болка што ги тера инстинктивно да врескаат и да даваат отпор, сакајќи да избегаат и да се заштитат.

Заробени животи

prasinja

Женските свињи најчесто се експлоатираат за масовна репродукција. Тие се буквално силувани со метални инструменти со цел да им се изврши вештачко оплодување. Ова вештачко затруднување се практикува неколку пати годишно,  каде свињите во просек раѓаат 10 прасиња (тоа е дупло повеќе од она колкушто тие би родиле доколку живеат нормален и слободен живот) кои по раѓањето и процесот на цицање се веднаш разделени од своите мајки, а мајките повторно и повторно се затруднувани. Тие се чувани скоро цел свој живот во тесни железни конструкции на бетонски под, каде што немаат место ниту да се завртат (подолги се само неколку сантиметри од нивните тела), па затоа често патат од физички ментални нарушувања, кои резултираат со самоповредување или ненамерно осакатување со цел да се ослободат. Свинските фарми се исто така пренатрупани. Токму овој фактор највеќе придонесува за смртта и ширењето на епидемии на различни заболувања меѓу свињите во самите фарми. Тие се принудени да живеат најчесто во својот сопствен измет (нешто што во нормални услови на слободен живот не би го направиле), дишат неподносливи гасови од амонијак од урината и изметот кои ги повредуваат нивните бели дробови.

Во просек, сите свињи во фармите се болни. Тие најчесто страдаат од деформитети (заради планското и абнормалното здебелување кое им се наложува преку типот на модифицирана исхрана), срцеви заболувања и респираторни проблеми. Сепак, инфекциите се најголемиот проблем во свинските фарми, а тоа се должи на нечистотијата, пренатрупаноста и топлината. Свињите се предозирани со антибиотици преку нивната храна, за да се спречат физичките манифестации на болестите и за да се одржат во живот, се` до нивното колење. Пред да се однесат до кланиците, претходи еден долг и измачувачки процес на транспорт,  каде што свињите немаат ниту елементарни услови за преживување. Многу од нив умираат за време на превезувањето. Во кланиците тие прво добиваат електро-шокови, потоа се обесуваат за нивните нозе, каде најчесто се во свесна состојба, комплетно способни за да почувствуваат болка, им се забодува нож длабоко во грлото и така висејќи се оставаат да искрвават до смрт, понекогаш голтајќи ја својата сопствена крв и задушувајќи се од истата. На крај се фрлаат во огромни котли со вода која врие.

Крави/Телиња

Млечната индустрија е еднакво брутална и нехумана како и индустријата за производство на месо, дотолку повеќе што во оваа индустрија агонијата и патењето на животните е со пролонгирано дејство. И обете индустрии опстојуваат на истите принципи, затоа што животните како единки ја имаат истата крајна судбина – насилна и болна смрт. Млечните крави како и сите фармски животни, никогаш или речиси никогаш не се пуштени од заробеништво, на пасиште или пак да ја видат светлината на денот.

Со цел да се произведуваат комерцијални количества на млеко, кравите користени за млеко се принудени да издржат постојана циклус на бременост. Тие се силувани (вештачки оплодувани) со метални шипки, процес кој што е болен и асолутно неприроден. Лактацијата кај кравите не се случува, освен ако овој циклус не е засилен и намерно предизвикан. Како и кај сите цицачи, така и кравата продуцира млеко единствено откако ќе роди бебе, па така овој секрет  од кравјото тело е наменет за цицање(хранење) на нивните млади телиња со цел да се стимулира нивниот понтамошен раст и развој.  Како последица на човечката алчност, целиот овој процес на градење однос меѓу кравата и телето е нарушен, со цел тоа млеко да се пренамени за човекова корист.  Оваа потреба за максимално искористување оди до таква крајност што кравите се молзат со тешка механизација минимум 3 пати на ден, понекогаш присилени да даваат 10 пати повеќе млеко од она што во реалност би можеле. Не е реткост, заради неконтролираното механичко молзење кравите да прокрвават, па често измолзеното млеко завршува помешано со нивната крв.  За да се продолжи овој процес на давање млеко, кравите се постојано оплодувани и инјектирани со силни хормони за да се стимулира давањето на млеко. На кратко речено, овие кротки и невини суштества се бескрупулозно третирани како фабрики за млеко. Начинот на нивното чување е таков, што тие скоро цел живот го поминуваат во тесни боксови или метални прегради (прилепени до нивните тела), стоејќи, оковани со фиксиран синџир околу вратот, за да се спречи нивното лежење и седење, а да се продолжи константното молзење.

Копнежот не е ограничен само за луѓе

kravichki

Што се однесува до телињата, тие обично се одземени од нивните мајки во рок од 24 часа од раѓањето и тие се принудени спротивно на природниот ред на нештата, да конзумираат друга храна несвојствена за нивниот организам во тој даден период.  Разделувањето на мајката и детето предизвикува акутна вознемиреност и страдање кај овие живтни. Мајките крави се познати по тоа дека се способни да пропатуваат стотици километри на полиња, само за да се обединат со своите телиња.
Телињата имаат еднакво лоша судбина во оваа монструозна индустријата. Машките се сметаат за несакан нус-производ и безвреден отпад. Тие се веднаш убиени и искористени во месната индустрија. Некои се едноставно застрелан во главата кратко време по раѓањето и фрлени како ѓубре.

Како и сите останати фармски животни, жртви на производствената индустрија на млеко, јајца и месо, така и кравите се присилени својот мизерен живот да го минат тонејќи во својот измет и урина. Дел од изметот и патогените бактерии од него завршуваат во каналите на вимето и млечните жлезди на кравата, а со тоа и во млекото и сите негови понатамошни деривати. Најчеста болест на кравјото виме е маститисот. Заради често и неконтролирано забременување на кравите и нивно молзење, тие патат од недостаток на калциум и други нутритиенти што предзивикува бруцелоза,  и други вирусни инфекции, како и појава на бактеријата салмонела.  Кравите со нормален,природен и слободен живот би ги дочекале своите 25 години, меѓутоа во бруталните и абнормални  услови во фармите тие живеат само 4-5 години, целосно исцрпени, неплодни и неподвижни. После таков живот поминат во мизерија, тие се праќаат во кланица.

Што се однесува до младите бикови, тие се најчесто хируршки кастрирани, или со метод на прекинување на крвотокот до нивните тестиси, со што се спречува транспортот на сперматозоидите. И на биковите и на кравите им се сечат роговите, а ова е екстремно болно заради тоа што тие имаат нервни завршетоци и крвни садови во нив. Најчесто ова се прави со разни остри метални инструменти, без употреба на анестетик, заради тоа што претставува поисплатлива опција. Исто така, честопати им се горат местата каде им растат роговите со жешка пегла, за да се онеспособи нивниот раст.  Биковите се често злоупотребувани за забава (родеа, борби со бикови, фестивали на т.н. жртвување, каде на најможен монструозен начин човекот се изживива врз овие, во принцип нежни животни).
Телата на кравите се најчест домаќин на бактеријата Ешерихија Коли (регистрирани се околу 700 вида), токму заради нехигиенските услови во фармите и широката употреба на антибиотици. Во историјата постојат многу случаи на епидемија на оваа опасна бактерија (најсмртоносниот тип е O157:H7). Конзумирање на контаминирани говедски производи е најчест извор на зараза, но болеста може да се прошири од било која храна или пијалок кој е загаден со животинско ѓубриво.

Пред да бидат соочени со својата смрт, овие животни се групно напикани во огромни транспортни возила, и се превезуваат од 14-24 часа, без храна и вода.

Пред да се убијат, тие се обесени со ланци или се ставени на куки за нивните нозе, висејќи со главата надолу, потоа се забодени длабоко со нож во грлото, и оставени така да висат додека целосно не се исцеди нивната крв. Кравите, како и сите животни впрочем, ја насетуваат својата ужасна и болна смрт. Постојат и други методи на убиство кои се користат во фармите (пр. – со болт пиштол, нивно т.н мелење во големи машини, или обезглаваување со други остри предмети), но сепак претходно споменататите се најчести практики на убиство, кои воедно се и најевтини, а притоа животните се целосно свесни и ја чувствуваат болката и нејзиниот целосен интензитет. Освен за млеко (и негови деривати) и месо, кравите се експлоатирани за многу други тешки мануелни процеси, како и за нивната кожа која како „ко-продукт“ се користи за разни други намени.

Јагниња/Овци

Овците чувани во стадо (на отворено) се животни кои се изложени на најсуровите услови на живот, под кое се подрзабира изложеност на сите можни временски услови, кои константо се менуваат. Затоа најголемиот процент на смртност меѓу овците доаѓа од фактот дека тие често оболуваат како резултат на немање засолниште или пак заради мизерните хигиенски услови на местото каде што се чувани (наспроти верувањето дека дивите животни се најодговорни за нивното систематското усмртување). Тие исто така се плански и вештачки оплодувани по пат на најбрутални методи кои значат- вметнување метални инструменти во нивните матки. Претходно, овните се изложуваат на еден суров процес, каде во анусот им се става шипка која продуцира електрошокови, кои пак им даваат сигнал на простатата и половиот орган да ејакулира доволно семе. Ова е ужасно болна процедура, при која овните се во тешка агонија и тоа гласно го изразуваат и физички го манифестираат. Размножувањето на овците плански се прави во најпогрешниот период од годината за нив (заради профит и конкуренција – најповолниот за човекот), кога владеат најголемите зимски студови. Во нормални услови овцата би раѓала по едно јагне секоја пролет, после петмесечна бременост. Меѓутоа со генетска манипулација и давање интензивна храна за брзо дебелеење, тие раѓаат околу 3 пати повеќе од она што за нив би било природно. Како и кај другите фармски животни, рутинските сакатења се секојдневие и кај јагнињата. Уште кога се во својата најрана возраст им се умртвуваат опашките (со запирање на крвотокот) и им се врши кастрација (исто така умртвување на тестисите), за да се спречи неконтролирано и непланско размножување (иако во пракса јагнињата се колат уште пред да ја достигнат својата сексуална зрелост).  Овците често се експлоатирани заради својата волна, која всушност е нивна механичка заштита и им помага во терморегулација на телото.  За овцата тоа често е болен процес, каде добива отворени рани заради грубото постапување при стрижењето. Тие рани понатаму стануваат извор на инфекција, тло за привлекување на разни инсекти, ларви  и друго,  а понекогаш и причина за смрт доколку не се третираат. Што се однесува до јагнињата, тие ја имаат таа несреќа да живеат само 4 месеци од својот живот, а потоа се носат на колење. Најтрагичен е случајот со Персиските (Каракул) јагниња, кои во принцип немаат ниту еден едниствен ден да поживеат. Непосредно по нивното раѓање им ги сечат грлата со нож во целосно свесна состојба, а сето ова е со цел да се одере нивното „високо ценето“ црно крзно со ситни кадрици, од кое понатаму се прават бунди за човечка употреба. Во поново време се бележи и уште посурова практитка која ги надминува овие ѕверства, а тоа е убивање на Персиските јагниња додека се уште во мајчината утроба, и секако нивно дерење на крзното. Пред да се однесат на колење, овците или јагнињата минуваат долги часови превезувајќи се во тесен простор, каде најчесто се здобиваат со скршеници, отворени рани или се задушуваат. Одземањето на нивниот живот е исто така болен како и кај другите фармски животни (и животните воопшто). Најчесто е со остро сечило кое завршува длабоко во нивниот врат, а тие со сиот страв и болка, тресејќи се и борејќи се за живот, искрвавуваат до смрт. Една од најизвитоперените болни религиски практики ширум светот е т.н. „жртвување“ милјарди јагниња и овци годиншно. Овие настани најчесто се случуваат и надвор пред очите на јавноста, а често се практикуваат и како групен крвав ритуал во името на религиите преку одземње на туѓ невин живот.

Сетилни индивидуи, не објекти

Goat-farm

Секогаш кога ќе размислувате или видите една од овие индивидуи, размислете и погледнете на животот и вашите навики и вредности позамувајќи ја нивната болка и нивните очи.

Ива Aпостолска

(Анима Мунди)

One response to “Паралелен свет – пеколот зад дебелите ѕидови на животинските фарми

  1. There is no bigger beast from a man on earth.When animal hunts we say it’s beast and when man hants we say it’s a sport…Bernard Shoe

Leave a comment